Skip to main content

„Гладијаторите“ утре го пречекуваат Металург

Првиот сериозен тест за докажување на квалитетот, Ракометниот клуб Охрид го има утре кога гостува екипата на Металург. Охриѓани се наоѓаат пред дуел кој не смеат да го загубат против директен конкурент за место помеѓу најдобрите 6 екипи во Суперлигата. За победа неопходна е поддршката на публиката која сега има можност да ја наполни салата Билјанини извори половина од капацитетот.

 |   | 

Најзвучно засилување оваа година во охридскиот ракометен клуб е српскиот репрезентативец Стефан Додиќ кој премина од Металург во Охрид. Иако се најавуваше трансфер во поголеми клубови во Европа, првата ѕвезда на екипата ни објасни кој е најзаслужен што тој го облече сино белиот дрес.

За жал имав мали проблеми со Металург, не можевме да се договориме и си заминав порано. Документите ги зедов касно и не можев да склучам трансфер во странство. Така се одлучив тука покрај Раде Стојановиќ кој ми беше тренер во Металург да дојдам овде. Знаев дека немам што да загубам, а можам да научам многу – изјави Додиќ.

Скромниот централен бек признава дека најслаба точка му е нервозата во текот на играта која доста често ја искажува кон судиите. Сето тоа го препишува на младоста и желбата за победа и ветува дека повеќе ќе се насочи кон играта, а не кон судиите. Додиќ е оптимист дека Гладијаторите утре ќе ја прекинат низата од два последователни порази и ќе се вратат на местото на табелата кое го посакуваат.

Јас сум презадоволен искрено кажано. Не очекував дека е ваква атмосферата во екипата. Презадоволен сум и од условите. Мислам дека  она што го одигравме со Бутел не е вистинскиот Охрид, туку играта со Еурофарм и Вардар. Се надевам дека ќе играме уште подобро. За нас почнува сезоната и се надевам дека ќе докажеме дека го заслужуваме 3-тото место – вели Додиќ.

Рецептот за победа на утрешниот дуел против Металург е јасен. Брза игра, залагање 100 проценти на теренот и повеќе замени кои ќе држат висок ритам сите 60 минути. Гостинот од Скопје е квалитетна екипа која има одлична прва постава, но нема добра клупа и тука е една од предностите на охриѓани. Втората секако е одличната атмосфера на трибините. 

Во Металург немавме своја навивачка група и немав почуствувано ваква атмосфера. Навистина се ветар во грб и е чест да се игра пред Рибари – додава Стефан.

Натпреварот од 8-мото коло во Суперлигата помеѓу Охрид и Металург е закажан за утре (сабота) во 18 часот.