Skip to main content

Граѓаните не се задоволни од образовниот процес

Граѓаните не се задоволни од образовниот процес во државава. Ова го покажа анкетата која ТВМ телевизија ја спроведе во рамките на рубриката Ти си твојот град на самиот старт на учебната година. Најголемиот дел од испитаниците не се задоволни од наставната програма и наставниот кадар.

 |   | 

Во рамките на рубриката Ти си твојот град, на стартот на учебната година ТВМ телевизија спроведе анкета. Целта на нашето истражување беше да ги согледаме условите и предизвиците во образовниот процес во регионот.

На анкетата доброволно одговорија граѓани од три општини. Најголем интерес пројавија охриѓани и тоа 70%, 20% граѓани од Струга, а само 1% од општина Дебрца. Од нив 60% се мажи, а 40% жени.

 

 

 

Во испитувањето предничат родители, дури 77% од испитаниците се во својство на родител, се вклучи и наставниот кадар со 17 %, а најмалку односно 6% се ученици.

Загрижува тоа што на прашањето дали образованието во нашата земја е квалитетно, најголемиот дел односно 74% од граѓаните дадоа негативен одговор, позитивно одговорија само 8%, а 15% од испитаниците одговорија со не знам.

На прашањето: Дали сте задоволни од наставниот кадар, квалитетот на наставните програми и учебниците?

Повторно поголемиот дел од испитаниците односно 54% одговориле дека се незадоволни, додека 45 % кажале дека се задоволни.

Граѓаните имаат различни одговори зошто се незадоволни од образовниот процес. Дел од нив ги пренесуваме:

-Кембриџ програма е катастрофа, пренатрупано учење, многу грешки во учебниците.       

-Несоодветен наставен кадар, учебници нема, за што информативната редакција на ТВМ изработи и посебен прилог.

-Наставниците, чест на исклучоци, гледаат да си го поминат денот, партиски изнапикани без никакви квалитети.      

-Нови, несоодветни програми, без соодветни учебници и наставни помагала за спроведување на истите.          

-Повеќето членови на наставниот кадар ја работат оваа работа без доволно ентузијазам и посветеност, а тоа влијае на самиот образовен процес односно не пренесуваат доволно позитивна енергија на самите ученици, за учебниците само ќе кажам “кој како стигна така вметна по некој учебник во нашиот образовен систем без разлика кој колку е компетентен” вели еден родител.

-Погрешни луѓе на погрешно место, наставни програми copy paste, учебници полни со лаги и глупости кои не се релевантни за денешната младина.          

-Премногу обемен материјал, несоодветен за возраста на децата, многу лоши текстови во учебниците, наставниот кадар и не е баш така стручен.

-Старите програми каде се учеше се`на училиште со учителите/наставниците, наместо сега доработување на задачите дома со родителите, беа далеку подобри.

Добро е тоа што поголемиот дел од граѓаните се задоволни од условите во училиштата. 65% од граѓаните оцениле дека условите се добри, 22% лоши, а како одлични оцениле само 3%, додека 1% се изјасниле дека условите во училиштата се многу лоши.

Само еден од испитанците наведе конкретно училиште и пример. Го пренесуваме:

-Треба да се средат сите училишта не само едни исти. Братство школото во Лескајца средете го прво надворешно, вратите се стари многу, сменете ги од првобитното, па нова фасада. Треба децата да и надворешно да ги привлекува училиштето, посебно првачињата.

Во однос на прашањето што е подобро во пандемија и каква настава предлагаат 45% од граѓаните сакаат настава со физичко присуство, додека 40% комбинирана настава. Само 5% од испитаниците сметаат дека треба само онлајн настава.

Оние кои што се за комбинирана или онлајн настава својот став го правдаат со неможност за спорведување на протоколите, носењето заштитни маски со часови, големата трансмисија на вирусот во училиштата итн..

Додека оние кои сметаат дека е подобро настава со физичко присуство велат:

– Децата се подобро сконцентрирани во школо, без оглед на пандемијата, а на нив местото им е во училишните клупи.

Граѓаните сметаат дека реформите во образовниот процес не го подобрија квалитетот на образованието. Тоа го мислат дури 77% од граѓаните, а само 4% го мислат спротивното.

Испитаниците имаат конкретни предлози што да се промени за да се подобри образованието.

Предлагаат: дообучување на наставниот кадар, подобрување на условите во училиштата и реформи во образовната програма.

80% од граѓаните не сакаат да ги контактираме за понатамошно обработување на темата, додека само 20% од нив се согласија.

 

Новинар : Соња Рилковска