Skip to main content

„Не сечете ги дрвата“, порачаа екоактивисти за сечењето на дрворедот на Македонски Просветители

Побараа да се зачуваат липите и костените и да се најде друго решение за реконструкција на булеварот. Екологистите бараат средба со охридскиот градоначалник Кирил Пецаков за да се сопре сечата на дрворедот засаден во педесеттите години од минатиот век.    

 |  Валентина Неловска  | 

Екоактивисти упатија порака „Не сечете ги дрвјата“, за сечата на дрворедот на булеварот Македонски Просветители. Се собраа пред општинската зграда за да го искажат незадоволството со мирен протест и со транспаренти за сечата на липите и костените поради реконструкција на улицата.  Избран е погрешен начин за модернизација на улицата со кој проект треба да се исечат шеесеттина дрвја, стари по неколку децении, од двете страни на сообраќајницата, кажа Симон Карашов.

Го поздравуваме проектот, но начинот е погрешен. Апсолутно сме сигурни, ова не е прв пат вакво нешто да се случи, да се сечат стари дрвја и да се посадат нови, премногу мали. Зеленилото има исклучителна важност за сите нас. Ова е полесниот начин. Потешко е да се адаптира една површина врз постоечката флора, но кои сме ние ако го бираме полесниот начин – вели Карашов.

За екологистите се смешни и неиздржани тврдењата на експерти кои констатирале дека дрвата се стари и небезбедни за околината. Катерина Василеска предлага да престане сечата на дрва, да се ангажира стручно лице од Шумарскиот факултет кое ќе утврди кои дрва треба да се исечат, а кои да останат.

Не веруваме дека сите дрвја треба да се исечат. Таа приказна со садење на нови дрвја ја гледаме на оваа улица Димитар Влахов, колку држат сенка и колку изгледаат бедно во споредба со дрвата кои веќе се сечат. Ако продолжат по логиката ги сечеме старите дрвја, предлагаме да почнат од чинарите. Тие се најстарите дрва во градот – рече Василеска.

Лилјана Илиевска исто така е убедена дека сечата на дрворедот не е единственото решение за проширување на улицата. Таа вели Охрид треба да се развива, но не по секоја цена и не со сечење на дрва.

Некни го потпишавме договорот во Глазгов и ние сме обврзани да се грижиме за секое дрво, а ова не е грижа нити за овие дрва, ниту за таа шума таму. Одговорност нема – кажа Илиевска.

Екоактивистите порачаа дека на граѓаните им се потребни информации и детали за проектот за да се чувствуваат како дел од едно општество, а не да се неми гледачи на случувањата. Најавија дека ќе побараат средба со охридскиот градоначалник Кирил Пецаков за да се преиспита започната сеча на дрворедот. Од локалната вчера информираа дека ќе бидат отстранети 49 липи и 13 костени кои се дрва со надмината физиолошка и биолошка возраст и за кои не постоела можност за санирање, а 10 млади стебла од јавор ќе бидат пресадени на друга локација. По завршување на градежните активности, согласно предвидениот проект ќе биде засаден нов дрворед со соодветни садници.