Skip to main content

Академик Љупчо Коцарев добитник на Св. Климентовата награда-Патрон на Охрид за 2021

Наградата Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид за 2021 година во рацете на академик Љупчо Коцарев. Комисијата за одбележување празници и доделување награди и признанија годинава додели три повелби. Светиклиментова повелба годинава се доделува на Гордана Лолеска, Здружението ЕКО ФАП и постхумно на Мишо Јузмески.

 |   | 

Академик Љупчо Коцарев е добитник на највисокото општинско признание Св. Климентовата награда – Патрон на Градот за 2021 година. Стручна комисија од пристигнатите номинации едногласно доставиле предлог до Градоначалникот на Охрид наградата да му припадне на ценетиот Проф. Др. Коцарев кој бил предложен и поддржан од видни и истакнати доктори на науки, професори, уметници, писатели и истакнати охриѓани.

Што може да се каже за оваа авангардна личност освен дека е нашиот најпознат и најпризнат интелектуалец, еден од најцитираните автори, професори, научници. Човек кој многу одамна застанал во одбрана на интересите на Македонија. Неговиот импозантен лик и дело не прават среќни и горди сите нас – кажа градоначалникот на Охрид ,Кирил Пецаков.

Академик Љупчо Коцарев е по потекло од Охрид. Дипломирал на Електротехничкиот факултет во Скопје, магистрирал на Електротехничкиот факултет во Белград, а докторирал на Институтот за физика на Природноматематичкиот факултет во Скопје. Неговата богата наставно – научна дејност почнува на Електротехничкиот факултет во Скопје, продолжува на Универзитетот Калифорнија во Сан Диего во САД, а студиски престои остварува во САД, Германија, Италија, Унгарија, Шпанија.

Неговите публикации се цитирани илјадници пати. Неговиот научен интерес е во областите на физиката, техничките и компјутерските науки. Фасцинира бројот на публикации во списанија со фактор на влијание, едитор е на 6 книги и автор на шест патенти одобрени во САД и Европа. Академик Коцарев е член на МАНУ од 2007 год, а во ноември 2019 е избран за претседател на МАНУ. Престижниот Универзитет Стенфорд го сврстил во листата на најдобри научници на сите времиња од сите области, вели градоначалникот Пецаков.

Повелба „Св Климент Охридски – Патрон на Охрид“ годинава се доделува на Гордана Лолеска, Здружението ЕКО ФАП и постхумно на Мишо Јузмески, едногласно одлучи Комисијата  за одбележување празници и доделување награди и признанија.

Повелба Патрон на градот –Св Климент Охридски за 2021 год да им биде доделена на Мишо Јузмески постхумно, писател, фотограф, културен и туристички работник, научен истражувач, публицист и полиглот. Гордана Лолеска, голем борец и хуманитарец во поддршка во борбата на пациентите со ретки болести, но и за лицата со хронични болести. ЕКО ФАП, доброволно еколошко и хуманитарно здружение. Нивните остварувања и достигнувања се за почит и се од посебен придонес во развојот, напредокот и афирмацијата на Општина Охрид како во Македонија, така и во светот – информираше Перчо Божиновски, претседател на Комисија за одбележување празници и доделување награди и признанија.

Светиклиментовата награда и повелбите ќе бидат доделени на Свечена академија по повод 8-ми декември, Денот на Св. Климент Охридски, која ќе се одржи вечерта во очи на празникот во големата сала на Општина Охрид, според ковид протоколите.