Skip to main content

ИЛКЕР МУСТАФА – ЕДЕН ОД НЕЗАПИРЛИВИТЕ ХЕРОИ НА ОВА КОВИД ВРЕМЕ

По повод Светскиот ден на волонтерството, Црвениот крст на Македонија организираше пригоден настан на 3-ти декември во хотел DoubleTree by Hilton Скопје со цел да се оддаде признание за придонесот на волонтерите на Црвен крст. Доделени беа 11 благодарници на волонтери на Црвениот крст кои дале посебен придонес во реализацијата на целите и задачите на националното друштво во 2021 година, меѓу кои и волонтерот од Црвен крст Охрид, Илкер Мустафа.

 |   | 

По повод Светскиот ден на волонтерството, Црвениот крст на Македонија организираше пригоден настан на 3-ти декември во хотел DoubleTree by Hilton Скопје со цел да се оддаде признание за придонесот на волонтерите на Црвен крст.

Настанот се одржа под мотото „Хероите меѓу нас – Незапирливи“, асоцирајќи на посебните напори на нашите волонтери кои делуваат понекогаш и во исклучителни околности обезбедувајќи поддршка и помош за различни целни групи погодени од итни состојби и ризици. Доделени беа 11 благодарници на волонтери на Црвениот крст кои дале посебен придонес во реализацијата на целите и задачите на националното друштво во 2021 година, меѓу кои и волонтерот од Црвен крст Охрид, Илкер Мустафа.

Илкер Мустафа се вклучи во активностите на Црвен крст Охрид за ублажување на последиците од пандемијата на КОВИД-19 во првите кризни денови. Како член на мобилните тимови формирани во март 2020 година, несебично вложуваше труд и време за да им укаже помош на оние на коишто им беше најпотребна. Исполнителен и доверлив, Илкер придонесе кон вклучување и одржување на соодветни услуги наменети за ранливите граѓани во одговорот на Црвен крст Охрид на пандемијата; непосреден и ведар во комуникацијата со корисниците на услугите на Црвен крст Охрид, секогаш подготвен да сподели убав збор, Илкер донесе насмевки на многу лица во Охрид и во охридско. Неговите одлични комуникациски и вештини за дејствување во тим, неговото знаење и искуство, како и неговата совесност во работењето, го истакнаа како одличен соработник и придонесоа кон создавање позитивна работна атмосфера во време на неизвесност и вонредни услови за работа.



Исклучителен е доброволниот придонес на Илкер Мустафа – посветен на работата за доброто на неговите сограѓани и на неговата заедница, Илкер е пример за волонтер на Црвен крст, велат од оваа хуманитарна организација.