Повеќето занаетчии се погодени од забраната да не се работи во недела
Реагираат дека занаетчиството е занемарено и не е ставено на вистинското место во измените на Законот за работни односи. Комората на занаетчиите ќе бара ново усогласување на законите со сите дејности.
Голем број на занаетчии и самостојни вршители на дејност се погодени од забраната да не се работи во недела. Не може да се стават во иста позиција со останатите работници за кои недела е неработен ден со измените на Законот за работни односи, кажува од името на занаетчиите, Сашо Богојески претседател на Регионалната занаетчиска комора од Охрид. Посочува дека има голема нелогичност која се однесува на занаетчиски дејности кои имаат специфична услужна дејност, како што се фризери, козметичари и други дејности да не работат во недела.
Ако се случи да пукне водоводна цевка или ако се скрши стакло од прозорец ќе се чека понеделник за да се интервенира. Има лепеза на занаетчиски дејности за кои нема логика да не работат во недела. Тие функционираат сами и неопходно е да работат во недела. Има исклучоци како што е мојот занает, кондураџискиот или шивачкиот каде нема потреба да се работи и не работиме во недела – вели Богојески.
Самостојните вршители на дејност и одредени занаетчии ја чекаат недела за да заработат повисоки приходи во туристички Охрид. Неопходно беше да се донесат измени за заштита на работниците, но ова е избрзано и непромислено кога забраната се однесува за сите и има нелогичности во законите, подвлекува Богојески.
Во Законот за занаетчиство пишува дека работното време го определува општината согласно месните потреби и традицијата на градот. Па така, доаѓа до ситуација Законот за работни односи и Законот за занаетчиска дејност да се судираат еден со друг – додава Богојески.
Сојузот на синдикатите и Министерсвото за труд и социјална политика кога го носеле законот за работни односи не побараа мислење од Занаетчиската комора на Македонија, вели Богојески. Сега по реакциите на нивните членови ќе се бара ново усогласување на законите со сите дејности.