Skip to main content

Во подем е и понатаму семејното насилство во Охрид

Секојдневно пристигнуваат пријави за насилство во Центарот за социјални работи. Следствено на таа појава растат и разводите на бракови.

 |  Валентина Неловска  | 
Семејно насилство

Не стивнува појавата на семејно насилство во охридските семејства. Евидентиран е пораст на пријавени случаи каде што се пријавувало насилство изминатата година. Во првата половина од 2021 биле пријавени 70 случаи на семејно насилство, а трендот на пораст продолжил и до крајот на годината. Во пандемиската криза оваа девијантна општествена појава се шири како пожар, информира Горан Поп Марков, социјален работник, од охридскиот Центар за социјална работа.

Пораст на семејно насилство и пријави на семејно насилство со зголемен број на бракоразводи постојано се случуваат. Тоа е нешто што е приметно во последните две години – истакна Поп Марков.

Во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи пристигнуваат пријави од полицијата по кој што постапуваат социјалните работници скоро секојдневно. Насилство се случува најчесто врз жените без разлика на социјалниот статус во семејството. Се разведуваат брачни парови со помал стаж во брачната заедница, но „пукаат“ бракови и со долг стаж.   

Социјалните работници причината за насилството и разводите ја лоцираат во намалената толеранција кај партнерите предизивикана пред се од пандемијата.