Skip to main content

Охрид ќе добие дом за стари лица

Охрид конечно ќе добие дом за стари лица. Објектот ќе биде изграден со средства од швајцарска донација.

Проектот „Дом за стари“ по се изгледа ќе ја доживее својата реализација. Лицата кои ќе одлучат своите зрели години да ги поминат во ваква институција, конечно тоа ќе можат да го сторат и овде во Охрид. Преку швајцарска донација, градоначалникот Петрески конечно најави дека изградбата на овој објект ќе добие зелено светло. „Таа проекција е во завршна фаза. Ние очекуваме Швајцарците до крајот на овој месец да дојдат и да потпишиме конкретен договор. Со почетокот на следната година ќе започне изградбата на овој толку посакуван објект“, вели Петрески.

„Ние како здружение веќе подолг период амавме покренато иницијатива за изградба на дом за стари лица. Ваков објект Охрид навистина заслужува, па токму поради тоа и инсистираме постојано. Преку спогодбата која ја потпишавме веќе е внесен и делот, односно локацијата каде овој објект ќе биде изграден, Најавено ни беше дека во декември ќе успееме да ги удриме темелите, меѓутоа овој термин најверојатно малку ќе биде пробиен. Сепак идејата останува, ние и понатаму ќе продолжиме да инсистираме тоа да се реализира, бидејќи ваква институција на Охрид и е неопходна“, вели Ѓорѓи Трпчевски, претседател на клубот на пензионери.
„Стружани најавуваат дека домот за стари може без никаков проблем да се изгради таму. Тие наводно имаат и локација каде истиот може да се изведе, Меѓутоа за сето тоа кај нас има расположение и ние тоа ќе го бараме. Нема да дозволиме Охрид да остане без еден ваков објект“, вели Трпчевски.
Единствениот проблем кој се попречува до крајната реализација на проектот Дом за стари лица, е процесот на трансформација на земјиштето. Местоположбата каде според нацрт планот треба да биде изграден објектот сеуште е во сопственост на Република Македонија. Тоа е на потегот помеѓу стариот пат за Струга и езерото. „Очекуваме измена во локалната планска урбанистичка документација, кога и конечно ова земјиште ќе премине во сопственост на Општина Охрид, и ќе започне изградбата на овој објект“, вели Бранко Арнаудов, раководител на секторот за урбанизам.