Skip to main content

Законот за забрана за пушење е добар потег

Законот за забрана за пушење е добар потег на владата за заштита на непушачите. Но мора да се изнајде модус за флексибилност на истиот, за да нема дискриминација.

 |  Биљана Николовска  | 

Дискриминација или не, нерамноправност на непушачите, се само дел од изјавите на нашите соговорници. Законот за забрана за пушење ги отрезни повеќето хотелско угостителски капацитети. Досега не е изречена ниту една казна на новиот закон за пушењето во Охрид. Вкупно се прегледани  30 објекти, велат од пазарниот инспекторат. Продолжуваме со контроли понатаму, изјави раководителот Ѓоко Бошалески. Од општинскиот инспекторат раководителот Танас Танасоски вели дека тие немаат никакви ингеренции за контрола на објектите, кои подлежат на новиот закон за забрана за пушење. Танасоски, како страствен пушач вели дека се воздржува и го почитува законот. Глобите се високи и не се за џебот на македонскиот граѓанин. Тој додава дека можеби некои од одредбите ќе паднат на Уставен суд.


Одвреме на време пушам, вели Проф. Нано Ружин. Добро е што се воведе овој закон, но мислам дека не е на адекватен начин. Ружин го изнесе својот став и искуствата од земјите во Европа.
Менаџерите на кафулињата, детално ја имаат анализирано целата состојба на новиот закон за забрана на пушење од повеќе аспекти. Шашко Танжу, косопственик на кафетерија вели, дека овој начин е непопуларен за народот. Тој потенцираше дека економскиот момент е многу битен, бидејќи Охрид како град на туризам ќе претрпи многу големи економски последици, кои допрва ќе се одразат врз работата.
Конечно воздухот во кафулињата е чист. Луѓето и пријателите се препознаваат меѓу себе, бидејќи димот на цигарите го нема. Очигледно законот ги стави во колосек пушачите. Седенките по дома се поизразени. Дали ова ќе резултира врз подобрување на состојбата на ниво на Македонија, која во моментов се наоѓа на листата со најголем број пушачи во Европа останува времето да покаже.