Skip to main content

Историски успех на ракометарите на Охрид

Охриѓани го елиминираа холандски Волендам

 |  инфодеск  | 

Ракометарите на Охрид си приредија мала историја, пласирајќи се во 2. коло од ЕХФ-купот и тоа во својот дебитантски излез во Европа.

Охриѓани го елиминираа холандски Волендам дури во последната минута од двомечот во „Билјанини извори“, со победа од 24-23. Одеа по работ во завршните десет минути од реваншот, но успеаја да слават по вчерашните 24-24 најмногу благодарение на голманот Благојче Трајковски.

Тој се испречи кога Волендам тргна во налет и ја стопи предноста од четири гола (20-16) и во 52. минута изедначи на 20-20. Се играше гол за гол, а Холанѓаните имаа и шанси за водство, но Трајковски спаси дури и пенал за да ги спречи во тоа.

Последната драма се случи во 59. минута, кога Волендам изедначи на 22-22, но Славиша Димитријевски беше сигурен за да го врати водството на 50-тина секунди до крајот. Холанѓаните беа деконцентрирани и не усепаја да израмнат, напротив Блажески погоди за 24-22 и тука беше крајот.

Претходно, Охриѓани беа подобар противник, водеа во текот на целото прво полувреме, а на пауза заминаа со 13-10. Нивниот прв настап во европските конкуренции ќе продолжи против Порто, во 2. коло, кој ќе биде апсолутен фаворит.