Отпочнаа градежните работи за уредување на рекреативната патека од Струга до Калишта
Стружани ќе добијат нова рекреативна патека која ќе води се до селското училиште во Калишта. Патеката ќе се гради покрај езерскиот брег и е во должина од еден и пол километар и ширина од 2 до 2,2 метри, информира Мирјана Лозаноска директорот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион.
„Во моментов се чисти теренот и операторот почна со работа. Ќе се постави тампон од 20 цм, бетонска подлога, мрежа и природен, автентичен камен, еколошки бидејќи се наоѓа во заштитеното подрачје“, кажува Лозаноска.
Градежните зафати на патеката ќе чинат 4 и пол милиони денари. Финансиските средствата се обезбедени од Швајцарската агенција за развој, дел од струшката локална самоуправа и Министерството за локална самоуправа. Во рамките на овој проект „Уредување на атрактивни зони и патеки во Југозападниот плански регион“, во тек е изградбата на уште две патеки, една во Охрид и во општина Дебрца, додава Лозаноска.
„Во општина Дебрца ќе се гради третата патека од проектот во должина 150 метри покрај Слатинското езеро. Покрај патеката, амбиентот ќе се уредува со 3 летниковци, канти за отпадоци, клупи и маси.Просторот ќе се оплеменува и хортикултурно со цел да се привлекуваат туристи и во овој дел од регионот“, информира Лозаноска.
При крај се работите на патеката од Саат Кулата до Горна Порта која треба да заврши во наредните 10 - тина дена. Долга е 419 метри и има канделабри и улично осветлување. Оваа патека ќе се спојува со патеката која е изградена минатата година за рекреација по Стариот дел од Охрид и Калето“, напоменува Лозаноска