Skip to main content

Мерко: Во заштитената зона нема ниту една дивоградба

На три месеци до рокот за доставување на прогес извештај  за постапувањето  и сработеното по препораките на УНЕСКО, не се знае колку дивоградби има во Струга и колку од нив се во  во зашитениот појас на Охридското езеро. Струшкиот градоначалник Мерко не отстапува од тврдењето дека нема ниту едена дивоградба. Граѓаните од струшката локална власт бараат транспарентност а државата почитување на договореното.

 |   | 

Градоначалникот Рамиз Мерко стои цврсто на тврдењето дека нема ниту една дивоградба во зашитениот појас на Охридското езеро во Струга. Струшката локална самоуправа го проби рокот за изработка на попис или регистар на бесправно изградени објекти, задолжение  кое го доби од Владата како дел од препораките на УНЕСКО. Од октомври, кога требаше да биде завршен инвентарот,  до денес нема информација во јавност дали истиот е изготвен и колкав е бројот на дивоградби.  Иако од  Министерството за транспорт и врски за ТВ Аласат потврдиле дека во Општина Струга има над 3000 дивоградби Мерко категоричен дека ниту една од нив не го загрозува статусот под УНЕСКО на охридскиот регион.

„Тоа што го барате од нас тоа е доставено и од министерот, почитуваниот господин Адеми, се што е побарано од нас е поднесено. Во Струга, како што веќе имам кажано, во заштитената зона тврдам дека  нема ниту една дивоградба. Во  внатрешноста на градот, кој не е под Унеско , за дивоградбите се поднесени барања за легализација според постојниот Закон и ние како Општина Струга немаме проблем во тој поглед. “ – вели Рамиз Мерко.

Ваквиот став за невладините организации е несериозен и тие бараат транспарентност од локалната власт по однос на проблемот со дивоградбите.

„Сметам дека општината треба да биде транспарентна и кон органите на државната управа и кон своите граѓани и да излезе со целосен точен извештај за бројот на дивоградби и начинот како да се справиме со нив. Криењето на информацијата, односно држењето за ставот дека не постојат дивоградби на територијата на општина Струга, ни дава за право да се сомневаме дали нешто воопшто се крие од општината и градоначалникот и што е тоа што се крие од нивна страна“, вели Глигорие Ќатоски – „Доста е“.

Градоначалникот на Струга не гледа проблем ниту во поглед на ѕидањето на тераси и платформите на самиот брег на езерото. Вели дека Националната комисија на УНЕСКО во целост го разгледала целото крајбрежје и утврдила дека нема градби за рушење. Но од Комисијата неодамна обелоденија дека при контролата биле утврдени пропусти на струшките плажи.

„Ние она што го утврдивме при посетата на струшкиот регион е постоењето на одредени, она што е фамозната наша болка, платформи што навлегуваат во езерото ,  одредени подѕидувања на крајбрежјето кои се веројатно изработени без соодветната документација. Она што оценивме дека е неопходно да се отстрани од градоначалникот добивме уверување дека ќе биде отстрането.“-рече Зоран Павлов-претседател на национална комисија на УНЕСКО.

Засега во Струга нема на повидок започнување на некаква акција за отстранување на бесправно изградени објекти како што беше случајот во Охрид. Најавената посета на мисијата од Унеско за во ноември е одложена и ќе се случи на крајот од декември или почетокот  на јануари. А веќе во февруари Македонија ќе треба да достави прогес извештај  за постапувањето  и сработеното по препораките на УНЕСКО.