Skip to main content

Отворен предмет по допрен глас за не почитување на здравствените прописи за време на Литијата во Струга

Основното јавно обвинителство Струга отвори предмет по објавување на снимките и фотографиите на социјалните мрежи, а во врска со масовното присуство на граѓани на  Литијата одржана на 7 мај 2020 година, по повод верскиот празник Св. Ѓорѓија.

 |   | 

Основното јавно обвинителство Струга отвори предмет по објавување на снимките и фотографиите на социјалните мрежи, а во врска со масовното присуство на граѓани на Литијата одржана на 7 мај 2020 година, по повод верскиот празник Св. Ѓорѓија.

Постапувањето на обвинителството е заради присуството на граѓани на Литијата во услови на пандемија, кога не се почитувани Одлуките на Владата на Република Северна Македонија за задолжително придржување на здравствените прописи и тоа во однос на забраната за групирање во групи поголеми од две лица, потребното растојание од најмалку два метри меѓу лицата и задолжително носење на заштитни маски доколку просторот меѓу граѓаните е помал од пропишаното.

Во насока на утврдување на факти во предметот, струшкото обвинителство поднесе Барање до МВР – ОВР Струга за проверка на настанот и откривање на евентуални сторители на кривичното дело. При тоа, побарано е да се идентификуваат и повикаат организаторите на Литијата за да се утврди дали настанот бил уредно пријавен, кој требало да учествува, каква дозвола добиле и дали е постапувано согласно истата, како и дали презеле дејствија како организатори да нема присуство на граѓани или пак со редарска служба да го обезбедат евентуалното присуство на граѓани, а во насока на примена на здравствените прописи во услови на опасност од ширење на заразната болест предизвикана од вирусот COVID-19.

Обвинителството издаде и Наредба за обезбедување на безбедносните камери од околните објекти, со цел да биде извршена идентификација на лицата кои присуствувале на настанот, како и да се утврди дали лицата самоиницијативно присуствувале на настанот.