Skip to main content

Професор од Струга шест години чека решавање на работниот статус

Стефан Нестороски од Струга, предава хармоника во Средното музичко училиште „Тодор Скалоски“ со месечен  договор на дело, нема здравствено осигурување, не му се води работен стаж. Со полно работно време тој сепак се пријавува во Агенцијата како невработен. Вели дека размислува среќата да ја побара надвор од државава.

 |  Соња Рилковска  | 



28-годишниот професор ,  Стефан Нестороски од Струга, шест години чека решавање на работниот статус. Предава хармоника во Средното музичко училиште „Тодор Скалоски“ во Струга, со полн фонд часови, но со  години работи како хонорарец, со месечен  договор на дело, нередовни примања, ниту стаж , ниту  здравствено осигурување.

Иако има полно работно време, тој секој месец се пријавува во Заводот за вработување  како активен барател на работа.

„Еве веќе шеста година чекам трансформација на  работниот однос од хонорарец , ни стаж ни редовна плата. Ова е еден апел, многу не има во државните институции што сме заглавени со години и надеж за подобро утре“, вели Стефан Нестороски професор по храмоника.

Училиштето секоја година бара трансформација на работниот однос, но или барањето им е одбиено или не добиваат одговор од надлежните министерства. Професорот и лично пишувал дописи,  но  до денес не добил  одговор.

„Не постои никаков актуелен закон за хонорарците, немаме никакви права нема ни кај да се обратиме. Во летните месеци всушност кога е  распустот на учениците и нашиот работен однос е прекинат  така да оставени сме на милост и немилост да се снаоѓаме  во ова општество“, додава Нестороски.   

Стефан ја сака својата професија, тоа го учел и сака да го работи, а дека е успешен потврдуваат многуте освоени награди на државни и меѓународни  фестивали. Доколку  не му се реши работниот статус, Нестороски вели  ќе биде принуден својата иднина да ја бара надвор од државата.