Skip to main content

Мерко : Од Струга направивме урбан и модерен град

Мерко пред стружани рече изминативе четири години направил многу, за Струга да биде урбан и модерен град, воедно вети дека во следниот мандат ќе реализира уште многу проекти за поквалитетен живот во општината.
 |   | 

Во овој четиригодишен мандат се што ветивме исполнивме. Реализиравме околу 100- тина проекти, рече градоначалникот Мерко претставувајќи ја изборната програма пред стружани. Уредивме многу сообраќајници, изградивме пешачки патеки, го осветливме Црн Дрим, двата влезови во градот се уредени со нов лик како што доликува на една туристичка метропола, рече кандидатот за градоначалник на Струга Рамиз Мерко.

За следните четири години Мерко ветува бројни проекти за поквалитетен живот на стружани.

Имам чест и задоволство да ги откријам големите успеси што ги постигнавме досега. Има над 100 проекти што го носат нашиот печат. Вложивме многу во комунална и водоводна мрежа во градот и селата. Сведоци сме дека направивме многу, Струга се смени и доби поубав изглед, станувајќи урбан и модерен град, со модерни патишта, кои го разубавија градот, давајќи му изглед на туристичка метропола. Ветивме и отворивме основно музичко училиште. И натаму ќе се залагаме за економски, културен и туристички развој на градот – потенцираше Мерко.

Мерко вели бизнис секторот барал од него да се кандидира за уште еден мандат за да продолжи позитивната економска атмосфера во градот.

„Во нашиот мандат изградивме патишта и булевари не само во градот, туку и во руралните средини. Изградивме нови резервоари за вода. Само во село Лабуништа изградивме резервоар со капацитет од 700 кубици вода. Во наредниот мандат ќе ги смениме целосно сите азбестни цевки за водовод. Ова е мандат за вистинска промена, за заштита на животната средина, за користење на обновливи ресурси, инклузивна демократија, дигитализација и социјална, образовна, економска поддршка. Заедно можеме да го постигнеме она што другите велат дека е невозможно – додаде Мерко.

Мерко ги повика стружани да му ја дадат довербата за просперитетна и напредна Струга, ветувајќи дека во целост ќе ги реализира проектите предвидени во изборната програма, која во основа ја има Зелената агенда.

 

Новинар : Соња Рилковска