Skip to main content

Туристичката сезона во Вевчани подобра од лани

Угостителите од Вевчани изминатава туристичка сезона ја оценуваат како подобра од лани, но недоволна за позитивно салдо на крајот на годината. Најбројни во јули и август беа домашните гости и туристи од соседството, изостанаа туристичките групи од Холандија и Полска.

 |   | 

Туристичката сезона во Вевчани беше подобра од лани, оценуваат угостителите. Имаше голем број домашни туристи и гости од соседните земји и дијаспората. Но проблемот е што сезоната траеше многу кратко, велат угостителите, пикот беше од 15 јули до 15 август. Период од еден месец е премалку за угостителите да имаат позитивно салдо на крајот на годината.

Секоја помош е добредојдена не е спорно, но ние сакаме да работиме и така да го заработиме тоа парче леб. Најдобро би било да помине оваа пандемија и да се вратиме во нормала како пред две години – вели Тони Костојчиноски угостител од Вевчани.

Туристичко Вевчани во есенскиот период нема голем број посетители, угостителските објекти се празни.

Вевчани е малку специфично, бидејќи работиме само во сезона негде од мај до август па ги чекаме новогодишните празници и карневалот наш кога доаѓаат повеќе гости и фактички тогаш ги вадиме трошоците за перидот што поминал и што следи – додава Костојчиноски.

Пред пандемијата Вевчани од мај до крајот на септември беше полно со групи туристи од Холандија и Полска.

 

Новинар : Соња Рилковска