Skip to main content

Денот на лицата со попреченост одбележан и во Струга

По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост денес во Струга беше промовирана книгата „Клуч“. Лицата со посебни потреби ги повикаа институциите да се заложат за подобрување на инфраструктурата за да им се олесни животот. Меѓу повеќето активности денес во Струга се изврши и промоција на изложбата „И јас сум тука“.

 |   | 

Со низа манифестации денес во Струга се одбележа 3-ти декемеври Меѓународниот ден на лицата со попреченост. На настанот под мотото „Слушнете ги нашите приказни“ беше промовирана и книгата „Клуч“ посветена на лицата со попреченост. Драма која ги охрабрува да не се откажуваат од целта, бидејќи без оглед на инвалидитетот тие може да постигнат успеси.  

Книгата е приказ на секојдневниот живот на лицата со попреченост, но и на сите бариери со кои тие се справуваат.

Секогаш кога сакаме нешто да постигнеме тоа не е невозможно еве како ќе успеам. Секогаш можеме да успееме ако ние сме упорни и решителни без разлика со какви попречености сме. Ние лицата со попреченост можеме да постигнеме некогаш и повеќе од лицата без попреченост – вели Даниел Шиковски, автор на книгата „Клуч“.

Мене не ми смета попреченоста туку со драга волја работам за да можам да овозможам нови работни вештини – вели Игор Шајноски од „Порака Нова“ Струга.

Лицата со посебни потреби ги повикаа институциите да се подобри инфраструктурата за да им се олесни животот.

Би дал една порака до институциите во државата за подобар пристап во сите сфери на нас инвалидите. Јас сум претседател на Здружението на слепи лица и сум лице со оштетен вид и се движам со помош на стапчето. Животот е тежок за инвалидите, но се надеваме дека тоа може да се подобри – вели Круме Крстановски, претседател на Здружението на слепи лица од Струга.

Меѓу повеќето активности денес во Струга се одржа и промоција на изложбата „И јас сум тука“.

Ова е прва промоција на изложбата „И јас сум тука“ направена од фотографите Тоше Огњанов и Сребра Гергиеска. Прва промоција надвор од Скопје имаме промоција и на видео на две успешни приказни на наши корисници. Две успешни приказни преку кои сакаме да го покажеме патот од дневен центар преку вработување до независен живот на лицата со попреченост –  вели Анита Гугоска од „Порака Нова“.

Овогодинешната порака на Меѓунарониот ден на лица со попреченост е „Лидерство и учество на лицата со попреченост во создавање на поинклузивен, попристапен и поодржлив пост-Ковид19 свет“.

Моменталната светска популација е нешто повеќе од 7 милјарди луѓе, од кои повеќе од 1 милјарда се луѓе кои живеат со некаков вид на попреченост. Целта на 3-ти декември е промоција и добросостојба на лицата во сите сфери на општеството, а и со цел зголемување на свеста за состојбата на лицата со попреченост во секој аспект на социјалното, политичкото, економското и културното живеење. 

Новинар : Соња Рилковска