Skip to main content

Експлозија на бомба на концерт на Аријана Гранде во Манчестер

напаѓачот кој ја активирал бомбата загинал во експлозијата

 |  инфодеск  | 

22 лица загинаа, меѓу кои и деца, а 59 се повредени во експлозија која се случи на завршување на концертот на пејачката Ариана Гранде во Манчестер, изјави шефот на полицијата Јан Хопкинс.

Според него, полицијата е уверена дека напаѓачот кој ја активирал бомбата загинал во експлозијата и дека само тој го извршил нападот. Тој информираше дека напаѓачот носел импровизирана експлозивна направа и дека истрагата ќе утврди дали бил дел од терористичка мрежа.

Доколку се потврди дека станува збор за тероризам тоа ќе биде најсмртоносниот напад во Британија од јули 2005 година кога четворица британски муслимани убија 52 луѓе во самоубиствени напади во метрото и во јавниот транспорт во Лондон.

Аријана Гранде на Твитер изрази жалење за инцидентот.

Британската конзервативна премиерка Тереза Меј и лидерот на Лабуристичката партија Џереми Корбејн се договорија да ја суспендираат изборната кампања. Во Велика Британија се одржуваат предвремени парламентарни избори на 8 јуни.