Skip to main content

Македонија на „Експо Реал“ во Минхен

Македонија по втор пат на меѓународниот саем „Експо Реал“ во Минхен.

expo logo
expo logo
Република Македонија од 6 до 8 октомври годинава по втор пат со свои проекти ќе учествува на меѓународниот саем за комерцијални недвижности „Експо Реал“, што секоја година се одржува во Минхен, Германија, каде на 63.000 метри квадратни изложбена површина годинава ќе се претставуваат 1.800 изложувачи од 45 држави.

На саемот учествуваат општини, јавни и приватни претпријатија и други организации со инвестициски проекти од областа на комерцијалните недвижности – трговски центри, деловен простор, станбени комплекси, индустриски зони, технолошки паркови …

expo- MinhenНа заедничкиот национален штанд, подготвен од Министерството за локална самоуправа и Агенцијата за странски инвестиции, во соработка со Германското друштво за техничка соработка – ГТЗ,  ќе бидат претставени 21 проект од Република Македонија.

На штандот, како што информира Министерството за локална самоуправа, покрај проектите на Агенцијата за странски инвестиции, ќе бидат презентирани и „Индустриска зона и хотел Жабени – општина Битола“, „Деловен и индустриски комплекс – општина Аеродром“ и „Деловен центар и спортски комплекс – општина Гостивар“, општински проекти кои се избрани по пат на јавен оглас.

Специјално за овој настан е подготвена и брошура која има за цел на потенцијалните инвеститори да им ги обезбеди сите информации за проектите кои годинава ќе бидат претставени на саемот.
Саемот „Експо Реал“, чие прво издание беше во 1998 година,  се смета за еден од водечките настани за инвестиции, бизнис и проекти од областа на комерцијални недвижности во Европа.