Skip to main content

Мрак во срцето на Охрид

Жителите од улицата Петар Чауле се жалат дека повеќе од три години немаат улично  осветлување.

 

 |  Тања Кувенџиска  | 
Жителите од улицата Петар Чауле се жалат дека повеќе од три години немаат улично  осветлување. Тоа е и причината што делови од овој простор во центарот на градот,  на многумина  им служат како замена за јавни тоалети. Надлежните ветуваат наскоро решавање на проблемот.

Измет и смрдеа, повеќе од три години се шират под прозорците на куќите на улицата Петар Чауле, која се наоѓа во непосредна близина на градскиот плоштад. За ваквата состојба, жителите како основна причина го наведуваат фактот што неколку години оваа улица се наоѓа во мрак. Не функционира уличното осветлување. Тоа, според нив, е причината што многумина овој простор го користат како замена на јавните тоалети кои му недостасуваат на Охрид.
Жителите на улицата Петар Чауле потенцираат дека во повеќе наврати потпишувале петиција која ја испраќале до надлежните во Локалната самоуправа. И покрај бројните ветувања, проблемот се уште не е решен.
Раскажуваат дека секојдневно тука минуваат туристи кои се згрозуваат од непријатната гледка и миризба која се шири.  
Од Фондот за комунален развој при Локалната самоуправа најавуваат решавање на проблемот. Објаснуваат дека уличното осветлување не функционира поради тоа што електричната мрежа е стара. Тоа е причината поради која доаѓа до нејзино  преоптоварување, пад на напонот и често исклучување на сијалиците.
Ветија дека наскоро на улицата Петар Чауле ќе започнат со  инсталирање на новата мрежа за улично осветлување.
Вакви зафати ќе се вршат и на уште неколку други улици во стариот дел од градот, меѓу кои: Коста Абраш и Климент Охридски.