Skip to main content

Грција сепак пречка за членство на Македонија во ЕУ

Македонската влада останува на ставот дека и при идеална слика, Грција ќе влијае на одлуката на Европската комисија да не препорача датум за почеток на преговорите за членство во Унијата.

Амбасадорот на Унијата во Македонија Ерван Фуере пак вели дека правилата се базираат на објективни и ригорозни проценки.
Македонскиот вицепремиерот за европски прашања Ивица Боцевски смета дека извештајот на европската комисија во ноември ќе биде објективен и дека ќе ја даде вистинската слика за тоа што се случувало изминатата година, но не изостави да ја спомне и Грција.

„Извештајот за прогрес на Европската Комисија за нас ке биде реален одраз на состојбите и основа за годишната работа на Македонија врзана за евроинтегративниот процес. Она што јасно го кажуваме е дека и совршено чисто досие на Македонија не е и гаранција, имајќи ги предвид изјавите кои што доаѓаат од главниот град на нашиот јужен сосед.”

Ставот на Боцевски околу извештајот следи само ден по реакцијата и јавното несогласување меѓу владата и амбасадорот на ЕУ Ерван Фуере околу тоа дали Македонија нема оваа есен да добие датум за преговори за влез во Унијата единствено поради спорот за името со Грција.
Амбасадорот денеска рече дека процедурите за влез во Унијата биле и се многу јасни.

„Европската Унија носи одлуки без разлика дали се работи за кандидатски статус или за датум за преговори врз основа на препораки од Европската Комисија“, вели Фуере.

Тој додава дека препораките на Комисијата се базираат на ригорозни и објективни проценки на процесот и манирите во кои земјата ги исполнува стандардите, условите за приближување кон Европската Унија.
Словенечка оценка.

А словенечката владина служба за европски прашања препознава напредок во Македонија.
Државниот секретар Барбра Борота, вели дека процесот на евроинтеграциите се темели на исполнување на обврските, а тоа важело и за Словенија, и за другите членки, а важи и за Македонија.
Борота го истакна напредокот на Македонија во исполнувањето на осумтте услови, но го нагласи и краткиот рок до ноемврискиот извештај на Европската Комисија.
Македонија од 2005 го има статусот земја кандидат за членство во Европската Унија.
Оттогаш ја чека препораката за определување датум за почеток на преговорите со Унијата.