Skip to main content

Нова рунда преговори најавува Нимиц, конкретен предлог сеуште не е на повидок

Медијаторот Метју Нимиц во наредните десетина дена ќе свика нова рунда разговори за да ги слушне финалните оценки на Македонија и на Грција за неговите идеи за решавање на спорот за името што ги изнесе на последната средба со преговарачите на двете земји.

Медијаторот Метју Нимиц во наредните десетина дена ќе свика нова рунда разговори за да ги слушне финалните оценки на Македонија и на Грција за неговите идеи за решавање на спорот за името што ги изнесе на последната средба со преговарачите на двете земји.

Нимиц по средбата со претседателот Бранко Црвенковски што се одржа доцна синоќа по македонско време во Њујорк, не прецизира дали на следната рунда разговори ќе излезе со формален предлог.
 
„Ќе разговарам со претставниците на двете земји и ќе решиме што ќе правиме. Ако има нов предлог ќе бидете известени“, рече медијаторот.

Уште еднаш повтори дека и покрај разногласието меѓу македонските државно-владини претставници по одредени прашања, властите во Скопје за името имаат усогласен став.
 
На новинарско прашање дали по средбата со Црвенковски и претходно одржаната со грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани, е оптимист дека прашањето за името може да биде затворено, Нимиц одговори дека и двете страни работат интензивно на изнаоѓање решение, но оти не знае дали тоа ќе биде постигнато.
 
Претседателот Црвенковски во изјавата за медиумите рече дека Нимиц уште еднаш го информирал за неговите идеи изнесени на последната рунда македонско-грчки разговори.
 
„Идеите на Нимиц се во фаза на конкретна разработка. Врз основа на забелешките на двете страни тој ги прецизира и конкретизира. Дали на следната рунда ќе оди на финален предлог или уште еднаш ќе даде можност да се изјаснуваат страните со свои модификации, не знам“, рече Црвенковски.

Antonio Miloski Branko CrvenkovskiТој изрази жалење поради тоа што македонскиот државен врв досега немал заедничка средба на која би се усогласил ставот за идеите на посредникот, но се надева дека таква средба ќе се одржи по неговото враќање во Скопје.
 
За прашањето за името, Црвенковски денеска ќе разговара и со Даниел Фрид, помошникот на државниот секретар на САД Кондолиза Рајс. На средбата ќе стане збор за тоа како течат и до каде се преговорите и што е тоа што САД можат да го понудат како помош со цел поуспешно одвивање на тој процес и постигнување евентуално решение.
 
„Поддршката на САД е потребна и позитивна од аспект на Република Македонија. Со нивното учеството во тој процес шансите за решение се поголеми“, оцени Црвенковски.
 
Тој ги отфрли тврдењата дека дошол во Њујорк за да се сретне со Дора Бакојани, да преговара и да го решава спорот за името.
 
„Овде сум, како и во претходните години, за да учествувам на Генералното собрание на ОН. Преговорите за името се водат на друго место и од други луѓе. Средба со Бакојани ниту беше предвидена ниту можеше да се одржи“, рече македонскиот претседател.