Skip to main content

Уште една рунда преговори за името

Нова рунда преговори за проблемот што го има Грција со уставното име на Македонија ќе се одржи доцна попладне во Њујорк.

Нова рунда преговори за проблемот што го има Грција со уставното име на Македонија ќе се одржи доцна попладне во Њујорк.

Со одвоени средби со преговарачите на Македонија и на Грција, посредникот Метју Нимиц ја почнува веројатно последната рунда преговори, на која се очекува да даде и финален предлог за решавање на спорот.

На средбите, прво со грчката, па потоа и со македонската страна, двајцата преговарачи треба да ги изнесат позициите на своите земји, а од овие разговори ќе зависи дали наредниот ден Нимиц ќе ги повика двајцата преговарачи на заедничка средба или повторно ќе се гледа со нив одделно.

Македонскиот преговарачки тим и на оваа средба оди со неусогласен став за името. На вчерашната лидерска средба, која беше во проширен состав, не беше усогласен ставот за тоа како да се настапи во Њујорк.

zname EUВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери останаа на ставот дека двојната формула е најдоброто решение – односно уставното име за сите земји и име што ќе биде договорено за комуникацијата со Грција.

Опозициониот СДСМ понуди решение според кое сегашната референца ФИРОМ би се заменила со име со географска одредница.

За ДУИ е прифатливо секое решение за кое лидерите на партиите од македонската етничка заедница ќе постигнат консензус, но нема да прифатат решение со додавки за етничка припадност, како Славомакедонија.

Лидерот на ДПА Мендух Тачи вчера не учествуваше на лидерската средба, бидејќи, како што информираат од партијата, не бил информиран за проширениот состав на средбата.

Се очекува Нимиц официјалниот предлог да го обелодени во среда.