Skip to main content

Ајк премина во ураган од четврта категорија

Ураганот Ајк премина во четврта категорија според скалата Сафир-Симпсон со придружни ветрови со брзина од 214 километри на час, соопшти американскиот Национален центар за урагани во Мајами.

 |  Крсте Голабовски  | 
Ураганот Ајк премина во четврта категорија според скалата Сафир-Симпсон со придружни ветрови со брзина од 214 километри на час, соопшти американскиот Национален центар за урагани во Мајами.

Ајк се придвижува кон запад-северозапад, и се наоѓа во областа на Малите Антилски острови во Атлантскиот Океан. Според експерти од Мајами, засега е рано да се каже каде точно ќе се насочи после тоа.
Над десет илјади луѓе во Доминиканската република во меѓувреме беа евакуирани поради поројните дождови и поплавите, причинети од преминувањето на тропската бура Хана.

Хана преминува над североисточниот дел на земјата. На Хаити веќе го однесе животот на најмалку 61 лице, а под вода се уште се наоѓа градот Гонаив, на 152 километри северно од престолнината Порт о Пренс.

Ураган АјкХана ги зафати и Бахамските острови, каде што има прекин во снабдувањето со електрична енергија. Тревога е објавена во реоните од Насау до Јужна Каролина. Се очекува Хана во сабота да премине над Јужна Каролина.

Придвижувајќи се на север Хана, придружувана од ветрови со брзина од 105 километри на час, одново прераснува во ураган.
Во САД жртвите на друг ураган – Густав, достигнаа 18 луѓе. Некои од нив загинале додека ги расчистувале објектите разурнати од ураганот.

Градот Њу Орлеанс, кој беше целосно евакуиран поради Густав, сега е повторно отворен за оние жители кои сакаат да се вратат.