Skip to main content

Седумнаесет години самостојна Македонија

Република Македонија одбележува 17 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

 |  Krste Golabovski  | 
Република Македонија одбележува 17 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Убедливо мнозинство над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година позитивно одговорија на референдумско прашање – „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“
На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.
Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Сенка врз настаните со кои се поставија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од пратениците Албанци. Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.
Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…

Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше направено под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија. Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решевање на проблемот што го има Грција со уставното име на Македонија, кои се уште траат.
Македонија досега има воспоставено дипломатски односи со 160 држави во светот, а под уставното име е признаена од 116 меѓу кои и три од постојаните членки на Советот за безбедност на ОН – САД, Русија и Кина.

Во изминатите 17 години самостојно живеење македонската држава мина низ низа проблеми и тешкотии. Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели – зацврстување на демократијата и интеграција во евроатлантските структури. Во 2005 година Македонија доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ. Последниве години ги одбележа процесот на прилагодување на законодавството кон легислативата на Европската унија, децентрализација на власта, реформите во одбраната.
И покрај исполнувањето на сите критеритериуми за полноправно членство во НАТО на Самитот на Алијансата во Букурешт во април годинава, Република Македонија доби само условена покана за членство, откако Грција поради спорот за името го искористи правото на вето и го блокира приемот.

Седумнаесетиот роденден од осамостојувањето Македонија го минува во очекување на новиот извештај од Брисел за напредокот на земјата на патот кон евроинтеграциите, како и датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Грција по примерот со НАТО повторно се заканува дека поради спорот за името ќе го блокира и членството на земјата во Унијата.
Денот на независноста на Република Македонија се одбележува со многубројни свечености и манифестации. На плоштадот „Македонија“ во Скопје вечер ќе биде одржана сенародна прослава. Владата организира бесплатен превоз за граѓаните од другите населени места кои сакаат да присуствуваат на веселбата. Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски синоќа приреди прием во Парламентот, а АРМ традиционално го одбележа празникот со почесна стрелба на 10 плотуни од 12 артилерски орудија во касарната „Илинден“ во Скопје, како и со Воен маратон во Охрид.