Skip to main content

Општинскиот комитет на Вмро Дпмне бара нов претседател

Поставувањето на нов претседател се наметна како потреба откога Владо Стефаноски, досегашниот извршител на оваа функција заплива во пратеничките води.

 |  Лионела Јаковлева  | 
Поставувањето на нов претседател се наметна како потреба откога Владо Стефаноски, досегашниот извршител на оваа функција заплива во пратеничките води.

Општинскиот комитет на Вмро Дпмне бара нов претседател. Големи се шансите во претседателската фотеља да седне припадничка на понежниот пол. Пријавувањето на кандидатите сеуште трае.

Инаку поставувањето на нов претседател се наметна како потреба откога Владо Стефаноски, досегашниот извршител на оваа функција заплива во пратеничките води. Овие две функции се косат со статутот на партијата, но и новите обврски на Стефаноски не му дозволуваат се уште да е прв човек на охридската Вмро.

Стефаноски вели дека за иден претседател на ОК на Вмро Дпмне може да се пријави секој полнолетен граѓанин кој во моментот на аплицирањето е член на  Вмро Дпмне. Тој додава дека нема потреба од никакви ургенции од партиските челници. Изборот го врши партиска комисија составена од три члена од Извршниот комитет. Таа врши селекција и на крај  одбира еден од неколкуте кандидати кои ќе влезат во најтесниот круг.

„Досега има над десетина пријавени“, вели Стефаноски и додава дека тоа е уште еден доказ оти партијата има и квантитет и квалитет. Најсериозните кандидати очекува да се пријават деновиве а изборот ќе се прави на десетти септември.