Skip to main content

САД одбележуваат седум години од терористичките напади на 11 септември

Соединетите Американски Држави денеска ја одбележуваат седумгодишнината од терористичките напади од 11 септември, во кои при уривањето на кулите близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк и нападот врз зградата на Пентагон во Вашингтон, животот го загубија повеќе три илјади лица.

 |  Крсте Голабовски  | 
Соединетите Американски Држави денеска ја одбележуваат седумгодишнината од терористичките напади од 11 септември, во кои при уривањето на кулите близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк и нападот врз зградата на Пентагон во Вашингтон, животот го загубија повеќе три илјади лица.

Во Њујорк годишнината ќе се одбележи со нови повици за внимателност во однос на постојаната закана од терористички напади, а имињата на загинатите повторно ќе бидат прочитани.
Претседателските кандидати на републиканците и демократите, Џон Мекејн и Барак Обама планираат да присуствуваат на церемонијата на локацијата гранд зиро, местото каде некогаш се наоѓаше Светскиот трговски центар. Мекејн и Омаба се согласија овој пат да се воздржат од предизборни реторки и и телевизиско рекламирање како знак на почит кон загинатите во нападите во Њујорк и Вашингтон.
Акцент на седумгодишнината од трагичниот настан е ставен на запознавањето на идните генерации со терористичките закани и со тоа како семејствата на жртвите се справуваат со загубата на нивните најблиски.

Националниот музеј и мероријален центар „11 септември“ најави оваа недела нови училишни програми во спомен на загинатите во поединечни училишта во целата земја.
На гранд зиро ќе се гради Меморијален центар за околу трите илјади жртви во Њујорк и Вашингтон. Станува збор за проект на Мајкл Арад и Питер Волкер, чија цена ќе достигне околу една милијарда долари, што доведе до преразгледување на планот и одолговлекување на работите.
Новиот Светски трговски центар, пак, чија изградба исто така беше отежната поради високите цени и постојаните промени и кој треба да претставува здание отпорно на напади, ќе биде завршен по 2011 година – две години подоцна од првичниот план. Кулата на слободата ќе се издигнува до 1.776 стапки (592 метри) – височина избрана специјално за да се потенцира Декларацијата за независност на САД од 1776 година.