Skip to main content

Британците стравуваат за безбедноста на нивните штедни влогови

Британските штедачи кои своите заштедени пари ги имаат оставено на чување во домашните банки, стравуваат дека кризата со банкротот на американската инвестициска банка Лимен Брадерс може да предизвика губење на нивните заштеди.

 |  Крсте Голабовски  | 
Британските штедачи кои своите заштедени пари ги имаат оставено на чување во домашните банки, стравуваат дека кризата со банкротот на американската инвестициска банка Лимен Брадерс може да предизвика губење на нивните заштеди.

Весникот „Тајмс“ вели дека долговите на американската банка од 430 милијарди евра се доволно големи за да многу поединци, фирми и банкарски организации не знаат дали воопшто ќе може да ја наплатат оваа „импозантна сума на пари“, што предизвикува страв и нервоза кај многу штедачи.

Според весникот, постои реална закана од реакција на штедачите кои би почнале со забрзано повлекување на своите заштеди од банките. Тоа ќе предизвика поголемо продлабочување на финансискта криза и на нестабилноста на банките, затоа што ниту една од нив, било каде во светот, нема толкава готовина за да ги исплати одеднаш сите свои штедачи.

Штедните влогови во Британија и во домашните банки се „релативно безбедни“, според толкувањето на финансиски експерти на кои се повикува весникот. Британската Влада гарантира исплата на првите 35 илјади фунти, што е приближно еднакво на околу 44 илјади евра, но ниту Владата ги нема покрај себе сите тие пари, иако во најлош случај таа може да наложи печатење на нови пари.

Најновата криза на финансискиот пазар, поради банкротот на Лимен Брадерс банката, може мошне негативно да се одрази врз секојдневниот живот на обичните луѓе, предупредуваат финансиски и економоски експерти, несогласувајќи се со поедноставувањето на проблемот, така што за кризата ќе се обвинат само мала група на „преплатени банкари“ кои невнимателно работеле.

Проблемот е многу подлабок и посложен и тој неминовно налага потреба од потемелна реформа на банкарскиот систем, заклучува „Тајмс“. Централната британска банка, Банк оф Енгланд веднаш по банкротството на Лимен Брадерс соопшти дека интервенирала на домашниот финансиски пазар со 5,5 милијарди фунти, наменети за амортизација на ударот од пропаста на американската банка.