Skip to main content

Законот за Јавна чистота во Охрид нема кој да го спроведува

Општинскиот комунален инспекторат кој е еден од надлежните за спроведување на Законот за јавна чистота, нема комунални редари. Општинарите велат дека донесувањето на законот ги затекнало неподготвени.

 |  Лионела Јаковлева  | 
Општинскиот комунален инспекторат не е подготвен за спроведување на Законот за јавна чистота. Овој закон стапи во сила пред три дена и со него јасно и прецизно се уредени условите и начинот на одржувањето на јавната чистота. Надлежни лица за контрола и инспекциски надзор на спроведувањето на законот се униформиран полициски службеник, државен комунален инспектор, општински комунален инспектор и комунален редар. Началникот на Општинскиот комунален инспекторат, Танас Танаскоски, вели дека тие немаат комунални редари и допрва треба да  ангажираат лица кои ќе го спроведуваат законот.

„Новиот закон ја затекна општина Охрид, но и повеќето општини во Македонија“, додава тој. Танаскоски објаснува дека има многу работи кои треба да се направат за да може да се применува Законот за јавна чистота.

Првенствено на удар е ЈП Комуналец кое низ градот треба да постави соодветни садови за отпад. Доколку тоа не го направи во најкраток рок ќе биде казнето со паричен износ од 300 до 600 евра во денарска против вредност. Охрид се сретнува и со проблем на немање јавни тоалети. Општината деновиве бара соодветен простор каде тие ќе бидат поставени. Доколку не бидат ставени вакви објекти таа подлежи на санкции.

Инаку овој закон е многу опсежен и опфаќа голем број сегменти кои придонесуваат за зголемување на јавната чистота. На санкции подлежат и правните и физичките лица кои ќе го прекршат. Во неговото изготвување учествуваше  Министерството за животна средина и просторно планирање. Државниот секретар на ова министерство, Дејан Паноски вели дека досега за зачувување на животната средина се правеле најразлични кампањи кои не вродиле со плод. На ваков начин, додава тој гражаните повеќе ќе се грижат за средината во која живеат.

Граѓаните кои ќе го прекршат Законот за јавна чистота ќе платата казна во висина од 50 евра во денарска противвредност. На сторителите на прекршокот согласно законот може да им се предложи и постапка на порамнување со која казната може да се замени со извршување на општокорисна работа во траење од најмалку 24 работни часа.

Покрај законот за јавна чистота во изминативе два месеци Владата и Собранието на РМ донесоа голем број закони и измени на законите. Граѓаните велат дека законите не треба само да се носат туку и да се спроведуваат.