Skip to main content

Од понеделник продажба на алкохол само со лиценца

Алкохолни пијалоци од 1 септември ќе може да се продаваат само во продавниците кои имаат лиценца за тоа.

 

 |  Лионела Јаковлева  | 
Алкохолни пијалоци од 1 септември ќе може да се продаваат само во продавниците кои имаат лиценца за тоа. Според законските прописи алкохолоните пијалоци ќе треба да бидат одвоени од другите производи и ќе може да се продаваат од 6 часот наутро до 19 часот навечер. Забранета ќе биде продажбата на алкохолните пијалоци, вклучувајќи го и виното и пивото во продавници во состав на бензиските пумпи, киосците и на зелените пазари. Барања за лиценци се поднесуваат во Министерството за економија од почетокот на неделава. Интересот, како што информираат од оваа институција, е голем, а барања ќе може да се поднесуваат и после 1 септември. Лиценцата се издава за период од две години, а чини 20.000 денари.

Оние трговци кај кои ќе се утврди прекршување на законските одредби ќе им биде одземена лиценцата за продажба на алкохолни пијалоци, а барање за нова ќе може да поднесе во рок од една година сметано од денот на одземањето на лиценцата.

Државниот пазарен инспектор по 1 септември 2008 година, доколку при инспекциски надзор утврди дека се врши продажба на алкохолни пијалоци спротивно на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија, на самото место ќе изрекува мерка за привремена забрана на вршење на дејност во траење од седум дена за трговците – физички лица, односно 15 дена за трговците-правни лица и ќе ги одземе алкохолните пијалоци, вели началникот на пазарниот инспекторат во Охрид, Ѓорѓи Бошалев.

Покрај оваа мерка државниот пазарен инспектор ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка по сторен прекршок за кој е утврдена глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност за правното лице, 600 евра за одговорното лице во правното лице, 400 евра за службеното лице и глоба од 500 евра за физичкото лице, објаснува Бошалев.