Skip to main content

Се врати животот на дел од Студенчишкото блато

Околу 1. 200 метри квадратни простор од Студенчишкото блато вратени се во првобитна состојба- наместо шут и цврст отпад, засадени се автентични блатни растенија.

 |  Тања Кувенџиска  | 
Околу 1. 200 метри квадратни простор од Студенчишкото блато вратени се во првобитна состојба- наместо шут и цврст отпад, засадени се автентични блатни растенија.

На простор од околу 1. 200 метри квадратни обновен  е и вратен животот на Студенчишкото блато.  Отстранет е цврстиот отпад кој се трупал со години, а на негово место засадени се автентични блатни растенија. Дел од нив и природно никнаа. Извршени се научни испитувања за утврдуавње на сегашната состојба на блатото и живиот свет во него. Овие активности се дел од првата фаза од проектот за заштита на Студенчишкото блато.

„Тука се присутни трската и други водни растенија, сите обележани со табли, латинско и народно име, потенцира Марина Талевска од Македонското лимнолошко друштво.

„Со овој проект се опфатени растенијата кои се уште опстојуваат во блатото и покрај деградацијата. Евидентирани се 20 видови, а потврдено е и исчезнувањето на реликтни растенија кои порано се среќавале на овој дел“, вели Талевска.  

Целта на овој проект е да се докаже дека со малку грижа, Студенчишкото блато може да се заштити од целосно уништување, велат учесниците во проектот.

Горан Момироски од електронскиот весник Охрид Њус, објаснува дека биле отстранети 1. 000 метри кубни отпад, цврст шут. „ Овој дел сега е под заштита на проектот и оставен е природно да се ревитализира“, вели Момироски.

Проектот заеднички го реализираат Македонското лимнолошко друштво и електронскиот весник Охридњус. Финансиран е од Минисиерството за животна средина и просторно планирање, а подржан и од локалната самоуправа.

„Со овој проект излегуваме од заспаноста и укажуваме дека природните реткости треба да се заштитуваат со дело, а не со зборови“, потенцира Дејан Паноски, Државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање.

Секој кој сака, може да ја посети ботаничката градина каде може да се разгледа блатната вегетација. Со цел подобро да се запознае јавноста, изработени се и околу 1. 500 брошури. Ботаничката градина се наоѓа во близина на ЈП Комуналец.