Skip to main content

17 години МИА

Македонската информативна агенција – МИА денеска одбележува 17 години од основањето односно од одлуката на Собранието со која беше формирана како национална новинска агенција на самостојна Република Македонија.

logo
лого
Македонската информативна агенција – МИА денеска одбележува 17 години од основањето односно од одлуката на Собранието со која беше формирана како национална новинска агенција на самостојна Република Македонија.
„Заради целосно, навремено и објективно информирање на граѓаните, како и за информирање на меѓународната јавност за активостите на републичките органи и другите субјекти во Републиката се основа јавно претпријатие под името Македонска информативна агенција“, стои во основачкиот документ на Законодавниот дом од 18 февруари 1992 година со кој се положи темелот на МИА.
Сепак, од непознати причини, активирањето и функционирањето на Агенцијата се одложуваше наредните 5-6 години. Тогашната влада реши професионалното агенциско работење да го супституира со основање на Македонско прес биро (МПБ), кое функционираше во рамките на тогашното Министерство за информации.

Во почетокот на 1998 владата донесе одлука МИА да се активира и да профункционира, како јавен информативен сервис, а истата година  на 30 септември почна и редовната продукција на вести. Во почетокот тоа беа вести и извештаи на македонски и англиски јазик. Во мај 1999 година во МИА е формирана Албанска редакција и од тогаш Агенцијата има редовни сервиси на албански јазик.
Македонската информативна агенција денес ангажира педесетина новинари за вести и новинари-репортери во редакцијата и триесетина новинари-дописници од Македонија и од странство. Иако по бројот на вработени МИА е меѓу најмалите, според продукцијата е во редот на најпродуктивните новински агенции на Балканот. Секој ден до своите корисници, од сите сервиси и потсервиси емитува од 300 до 350 артикли, што на месечно ниво изнесува околу 9.750 артикли.
МИА 24 часа емитува вести на македонски, на албански и на англиски јазик. Го сервисира целиот информативен простор – печатените и електронските медиуми во земјата и медиумите на македонски јазик во странство, државните органи и институции, македонските амбасади, и други странски организации, институции, мисии… Произведува и специјални тематски потсервиси и дневни и неделни билтени, продуцира и Фото-сервис и Фоно-сервис што се достапни преку веб-страницата на Агенцијата, која е една од најпопуларните информативни интернет сајтови во Македонија со просечно меѓу 8.000 и 10.000 посети дневно. 

logoМИА во изминатите години се здоби со значаен авторитет на веродостоен извор на информации од Македонија. Големите светски агенции не ретко ја цитираат како извор на информацијата, не само во времето на косовската криза во 1999 и безбедносната криза во 2001 година, туку и во ситуации кога се прават анализи и текстови за меѓународни политички и економски прашања поврзани со Македонија и регионот. Вестите на МИА од земјата и од странство станаа и останаа значаен дел на содржините на македонските печатени и електронски медиуми.
МИА е членка и на Светскиот конгрес на новински агенции – NAWC, на АБНА – Асоцијацијата на балкански новински агенции и на Црноморската асоцијација на национални новински агенции – BSANNA.

МИА исто така е дел на информативните пулови на: РОМПРЕС (Романија), БТА (Бугарија), АТА (Албанија), ТАНЈУГ (Србија), МИНА (Црна Гора), ФЕНА и СРНА (БиХ), СТА (Словенија), ХИНА (Хрватска), АНА-МПА (Грција), АНАДОЛИЈА (Турција), АПА (Австрија), ЕФЕ (Шпанија)…

Македонската информативна агенција соработува и со големите новински агенции – француската ФРАНС ПРЕС, кинеската ХСИНХУА, иранската ИРНА, британскиот јавен сервис Би-Би-Си, германската ДПА, руската ИТАР-ТАСС, а сервисите на МИА ги користат и светските информативни сервиси ДОЈЧЕ ВЕЛЕ, СЛОБОДНА ЕВРОПА, ГЛАСОТ НА АМЕРИКА…

 

 {loadposition content9}