Skip to main content

Шукова очекува реакција од УНЕСКО за градењето кај Тушемиште

Министерката за животна средина, Каја Шукова, денес кажа дека македонската страна не била информирана за градежните зафати со кои неодамна се пофали албанскиот премиер. Формирањето на Меѓудржавниот комитет на Македонија и Албанија за управување со Охридскиот регион, Охридското Езеро и неговиот слив беше своевиден општествен консензус, двете држави институционално да работат за зачување на статусот на УНЕСКО на овој регион.
 |  Голабовски Крсте  | 
Тушемиште

Официјално известување од албанска страна за градежните активности кои се одвиваат на брегот од Охридското Езеро кај изворите Дрилон, Тушемиште, нема, кажа денес при нејзината посета на Општина Дебрца,  Министерка за животна средина и просторно планирање Каја Шукова. Иако изминатата недела се состанала комисијата за УНЕСКО, најава за ваква активност немаше, додаде минситерката. Комуникација мора да се иницира овој пат од наша страна подвлече Шукова, а се што понатака ќе се спроведува да биде согласно препораките на УНЕСКО.

„Секако дека треба да се реагира, за секоја една активност која се однесува на Охридското Езеро, прво треба да бидеме информирани. Второ, навистина треба да внимаваме што правиме, и македонската и албанската страна. Не треба да си дозволиме понатаму да одиме со изградба на нови објекти коишто ќе го загрозуваат Охридското Езеро. Македонија во моментов не дава зелено светло ни за активностите кои се спроведуваат од нашата страна, а мислам дека секако нема да даддеме зелено светло ни за тоа што се случува на албанската страна. Јас не би рекла дека УНЕСКО има двоен аршин. Мислам дека УЕНСКО работи по стандарди, тоа што е утврдено за едната страна ќе важи и за другата. Мислам дека ќе има соодветна реакција и од УНEСКО.“ – вели Шукова.

Поградец

Пред две години во Охрид беше формиран Меѓудржавен комитет на Македонија и Албанија за управување со Охридскиот регион, Охридското Езеро и неговиот слив, како активност со цел што поголема заштита на Охридскиот регион како природна и културна реткост заштитена од УНЕСКО.

„Македонија и Албанија имаат воспоставено еден заеднички комитет во рамките на УНЕСКО, каде сите идеи и проекти поврзани со Охридското Езеро, треба да се договараат заеднички, со консензус. За било која интервенција, мора да се праша и Македонската страна и обратно. Според тоа што УНЕСКО го бараше, нивните последни реактивни мисии, забранија да се вршат секакви интеревнции на брегот, без разлика дали е на македонска или на албанска страна.“ –  вели Ѓоко Зороски, екологист.

Формирањето на Комитетот претставува и исполнување на една од препораките на УНЕСКО, како тело што ќе го менаџира процесот на сите активности околу Охридскиот регион.

Инаку, албанскиот премиер Еди Рама неодамна се пофали на Фејсбук со отпочнување на градежна офанзива во реонот на Поградец, со која, како што вели, уште еден од скапоцените камења од албанската природа се става на располагање на туризмот и стопанството. „Се гради шеталиште кај Тушемиште, проект кој започнува од мостот Дрилон, поминува до изворите на Загорчан и стигнува до царинската точка Тушемиште„ – напиша Рама во објавата. Додава дека временската рамка на проектот е 12 месеци и според него ќе донесе целосна промена со значително влијание на ренесансата на Поградец.

Рама не се секира за УНЕСКО, багери работат на „ренесансата на Поградец“ | Портал ТВМ (tvm.mk)