21 февруари – Меѓународен ден на мајчиниот јазик

Во светот денеска се одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, прогласен од УНЕСКО на 30-тата сесија на Генералната конференција во 1999 година, а наредната 2000 година 21 февруари е промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и мултилингвизам.
Во Декларацијата на УНЕСКО за културна разновидност, меѓу другото е наведено правото на секоја личност да се изразува и да создава на јазик што ќе го избере, а особено на мајчин јазик.
На половината од околу шест илјади јазици што се зборуваат во светот им се заканува исчезнување, а во околу 200 земји се зборува за мали јазици кои се соочуваат со предизвик да бидат зачувани. Во последните три века изумираат или драматично се намалува бројот на јазици.
Иако за првпат е прогласен за службен јазик во нашата држава на 2 август 1944 г., на Првото заседание на АСНОМ, континуитетот во развојот на македонскиот јазик го следиме уште од 10-11 век, кога во црковнословенските ракописи се појавуваат првите типично македонски зборови. Тој развој продолжува низ вековите, со засилено навлегување на македонскиот народен јазик во ракописите од крајот на 16 век. Во 19 век веќе се појавува и јасна свест за посебноста на македонскиот јазик и за неговото место во јазичното семејство на светот, свест што кулминира во делото „За македонските работи“ од Крсте Петков Мисирков, објавено во 1903 г. Инаку, 5 мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“ на 130. седница на Владата на Македонија, одржана на 16 април 2019 година.